Демократскиот сојуз писмено реагира на одлуката на Уставниот суд да ги зголеми ингеренциите на претседателот и тој да може да помилува лица осуден за изборен криминал, педофили, наркодилери и лица осудени за злосторства против човештвот. Според партијата, ако започне процес на аболиција ќе се предизвика нестабилност во државата.
„Со одлуката на Уставниот суд за укинување на одредби од Законот за помилување, се создаваат законски основи односно се декриминализира криминал со кој директно се загрозуваат основните демократски и цивилизациски вредности преку слободно кршење на изборните правила од партиските елити, потоа вклучување во нарко бизнисот, тероризам, како и сексуални напади над малолетници и сл.
Демократскиот сојуз смета дека се разрушени темелите на владеење на правото, со што законите нема да важат за сите подеднакво и не е можно да се одржат избори. Ако започне процес на аболиција на тие што ја фалсификуваат волјата на граѓаните, тоа ќе предизвика нестабилност во државата и целосна блокада на евроинтеграциските процеси.
Демократскиот сојуз предлага да се отвори постапка за донесување на Закон за Уставниот суд, во кој ќе се дефинира одговорност на судиите заради кршење на Уставот или доколку носи одлуки со кои се нарушува владеење на правото или поттикнува на вршење на криминал, а на сегашните судии да им престане мандатот.“ се вели во партиската реакција.
Главниот аргумент на уставните судии кои гласале „за“ на вчерашната седница бил дека во Уставот не се прецизира за кои дела може да се помилува , а за кои не, нема набројување, па затоа законодавецот (Собранието) не може да ги стеснува или проширува правата за помилување на Претседателот.
Судот оценил дека правата на Претседателот за помилување биле ограничени со тоа што тој досега не можел да помилува осудени лица за кривично дело против изборите или гласањето, кривични дела против половата слобода и морал, против здравејто на луѓето, и неовластено производство и пуштање во употреба на наркотични дроги и психотропни супстанци и кривични дела против човечноста и меѓународното право од Кривичниот Законик.




