Сала Абдеслам, најбараниот терорист во Европа, осомничен за учество и организирање на атентатите во Париз од 13 ноември 2015 година, попладнево беше уапсен во полициска операција во Брисел.
Првата вест јавуваше дека две лица се ранети во операцијата а потоа се дозна дека едниот од ранетите е Сала Абдеслам. Според белгиските медиуми, тој е ранет во ногата и се наоѓа на лекарска нега, се разбира со полициска контрола.
Пред два дена белгиската полиција имаше операција во општината Форе во Брисел. Полицијата вршела претрес во една куќа и била цел на пукотници. Полицијата отворила оган, едно лице беше убиено, четворица полицајци беа ранети а две лица успеале да избегаат.
Според белгиските медиуми, Сала е едниот од двајцата кои избегале од полицијата. Тие се криеле во Форе но по полициската операција во оваа општина се вратиле во Моленбек, општина која стана позната во светот по париските атентите поради тоа што најголемиот број терористи од овие атентати доаѓаат токму од оваа општина.
Според информациите кои пристигнуваат, уште едно лице се крие во една зграда.
Полицијата попладнево најде отисоци на Сала во Форе, на местото каде што пред два дена се одвиваше полициска интервенција.
Сала Абделслам е Французин со мароканскот потекло и има 26 години. Осомничен е дека играл клучна улога во париските атентати во кои загинаа 130 лица. По париските атентати беше распишана меѓународна потерница по него.
Но од средината на ноември досега полицијата не можеше да му влезе во трага. На 14 ноември стасал во Брисел каде што се криел три недели во стан каде што биле најдени неговите отисоци уште во декември.
Белгискиот премиер Шарл Мишел и францускиот претседател Франсоа Оланд го напуштија самитот помеѓу ЕУ и Турција. Во полициските акции кои се одвиваат неделава како и денешнава учествува и француската полиција и истрагата за париските атентати ја водат двете земји во тесна соработка.




