Во тек се консултации за избор на нови министри, одговори на прашање на Телма премиерот Емил Димитриев. Од ВМРО-ДПМНЕ засега нема најави за промени на министерскиот состав од редот на таа партија. Во одговорот од неговиот кабинет, се стои:
„Премиерот Емил Димитриев ги прифати оставките на министрите од ДУИ и согласно процедурата тие се испратени до Собранието на Македонија. Право на политичката партија ДУИ е кои лица ќе ги повлече од позициите за министри и кои лица ќе ги определи и достави како предлози за избор на министри и, за овој процес се во тек консултации. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ до Владата нема пристигнато најави или информација за промени на министрите од редовите на партијата и коалицијата за Подобра Македонија која ја предводи.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска во Струмица потврди дека нема да има промени во министерскиот состав на неговата партија, бидејќи, како што рече, времето е кратко. Тој сепак, нагласи дека промени ќе има во идната Влада.
Според СДСМ пак, станува збор за уште една политичка игра на владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
„Тоа е работа што ја договараа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не очекувам ништо спектакуларно, туку замена на министри, изјави во Штип, Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.
Оставките на министрите и замениците од ДУИ треба да бидат на дневен ред на Собранието на Македонија во текот на утрешниот ден.