16. издание на Скопски филмски фестивал стартува на 19, а ќе трае до 27 април, филмовите ќе се прикажуваат во кината „Милениум“ и „Рамстор“.
Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Кругови“ на српскиот режисер Срѓан Голубовиќ, кој ќе биде гостин на фестивалот. За затворањето, премиерно во Македонија, ќе биде прикажан рускиот филм „Предавство“ на Кирил Серебреников , со Дејан Лилиќ во една од главните улоги.
И овој фестивал годинава се соочил со намалување на буџетот, па откажани се дел од содржините
„За жал, поради намалените средства од страна на Министерството за култура, откажани се две од планираните програми: ретроспективата на Акира Куросава, и програмата Панорама на светскиот филм“, велат организаторите на СФФ.
Во главната програма, публиката ќе може да ги види филмовите: „Кралството на месечината“на Вес Андерсон, кој беше номиниран за Оскар за сценарио. Најновиот филм на Гас Ван Сант „Ветена земја“ со Мет Дејмон во главната улога. „Лов“ на Томас Винтерборг, потоа англискиот филм „Седум психопати“ во режија на Мартин Мекдона, награден со БАФТА за најдобар британски филм во 2012 година. Филмот „Кралска афера“, номиниран за Оскар за најдобар странски филм, награден за најдобра машка улога и сценарио на Берлинскиот филмски фестивал и со „Цезар“ за најдобар странски филм. Тука е и најновот остварување на Педро Алмодовар „Многу сум возбуден“. Новиот филм на култниот Коста Гаврас “Капитал“ и “Насилство 2“, на Такеши Китано.
Во програмата на авторски филм меѓу поатрактивните наслови се издвојуваат: „Перверзен водич во идеологијата“ на Софи Фајнс и „Хана Арент“ на Маргарет фон Трота