Да се согласиме со тоа дека Груевски нема друго решение, освен да оди на избори, но внимавајте, најдобро е да биде сам на избори. Ако заборавите дека избори подразбираат плурализам на учесници и идеи, инаку би се нарекувале груевизбори (а тоа е идејата) тогаш овој натпревар на Груевски со самиот себе е единствениот излез за него.
Се друго не е лизгав терен, туку пеколот лично, оној кој веќе зачука на вратата негова. Од самата буква на С се стресува, затоа што потоа следат и Ј и О, а тоа тешко кој може да го преживее. Прашајте го оној сирот судија што тресна на патосот која ја сослушуваше Гордана Јанкуловска и не со бледо лице, туку сиво како земја, испрати соопштение дека се онесвестил. Го замислувам следниот судија кој ќе ги сослушува Груевски и Мијалков. Веројатно одамна тој самиот не се замислува, дека би бил жив во тој суден час.
Верувам дека Груевски би излегол сам против себе на 5 јуни, сам себеси би се прогласил за победник, сам на себе би си честитал со триумфален дијалог: како сте- гледам, одлично ви оди, а и вам богати, не ви оди лошо и би му удрил чврга на тој другиот во студеното огледало да не се занесува многу дека е истиот тој што се гледа.
Сам себе би се бакнал во огледалото и евентуално сликата на Лукашенко со судски печат тресната на десниот агол од огледалото, да се знае кој никогаш не добива вртоглавици и не свиснува кога се бројат ливчиња, се е уредно тоа сторено пред воопшто и да потпишал Вељановски и некој белоруски спикер избори.
Така тој би пролетал со прстите низ косата, таласаста да остане, сега што да се прави, титоистички манири се добиваат како последица на едноумието- избори со еден кандидат, па со тоа дури ни Тито не ги понижуваше граѓаните. Но, видете, разберете ја и радоста на Груевски, нека му трае уште една недела- еднаш во животот се има можност да се фрли гласачко ливче во кутија без потоа да се проверува.
Верувам дека Груевски тоа би го сторил, без око да му трепне и да му се помрдне најмалиот мускул на лицето. Да се биде роден како победник, зарем тој не сонуваше уште од најмладите боксерски денови? Како вели тој и потскокнува и се навалува накај камерата кога дава ваква изјава, како да ќе не нокаутира, јавноста мора да се соживее со неговите соништа- дека Мохамед Али му бил идол од младоста, а кој друг побогу, кого друг би имал?
Но, следува прашање на зрнце разум, пред сосема да го изгубиме разумот со претходново сценарио: дали овој лукашенковски сон на Груевски би добил поддршка од меѓународната заедница? Дали тие пред огледалото негово, излепено со политичките браќа низ светов, разни орбановци и кимовци, дали тие би застанале пред тоа истото огледало и не дали нему би му честитале- туку дали сами себе би си честитале? Не, одговорот е не. Не е важно што Груевски би им рекол – so what? Па што? Тие не би дошле ни до фазата Груевски воопшто да има простор за дијалог со нив на ваква тема- сам себе да се бира и да се шета со огледалото и со црн фломастер во раката, ако некој случајно му влезе во кадар, да го избрише на време, додека не му се приближил.
Досега целиот простор и небо беа окупирани од Груевски, сиот овој воздух и вода беа контаминирани од едноумието, од огледалата во кои само Груевски можеше да го видиме и немаше ниту едно поткршено, ниту допрено. Тоа беше така до пред една година, да бидам прецизна, додека не се појави Заев со бомбите.
И сега пак го слушам оној дел од интелигенцијата, кој ја пушта на завивање онаа иста плоча, о, колку таа веќе ме уморува. Да скратам околу нападите, затоа што веќе е беспредметно да ги повторувам, да преминам на главната нивна порака кон Заев: да се оди на избори, затоа што ќе победиме, тие велат. О, па вие би победиле, би ги прашала. Со фалсификувани избори, медиумска пропаганда на власта и држава која одамна не е тоа, туку исклучиво партијата ВМРО-ДПМНЕ, вие би победиле? И тоа фер и демократски? Ве молам, ве преколнувам излезете на избори. И тогаш Груевски нека ви го подаде огледалото. Ноќта кога ќе бидат прогласени победниците, се надевам дека знаете кого ќе видите. Но, ова што го велам- дека се надевам дека знаете кој ќе биде победникот, не го мислам навистина. Мислам дека не знаете. За тоа време Лукашенко се смее под брк и ужива во овој наш замислен дијалог. Да се биде наивен, зарем не е се она што нему му треба?