Јарослав Качински, претседател на владеачката партија Право и правда, вчера ја обвини порашената полска влада на Доналд Туск дека е морално одговорна за трагичната смрт на полскиот претседател Лех Качински, брат близнак на Јарослав, кој загина во авионска несреќа пред шест години.
На шестгодишнината од падот на авионот во близина на рускиот град Смоленск, Качински на митинг изјави:
“Претходната влада е одговорна за оваа трагедија, ако ништо друго тогаш барем морално. Не оваа влада туку владата на Доналд Туск”, рече тој вперувајќи прст врз Туск кој сега е претседател на Советот на ЕУ.
Во неговата изјава пред повеќе десетици илјади поддржувачи на партијата на власт, тој не прецизираше како дошол до овој заклучок.
Несреќата се случи на 10 април 2010 година кога полскиот авион Туполев се обидувал да слета во Смоленск во лоши метеоролошки услови. Заедно со претседателот Качински во несреќата загинаа други 95 лица од кои многумина високи функционери.
На митингот Јарослав Качински побара да се открие вистината а луѓето на митингот скандираа “слава и почит за нашите херои” палејќи свеќи и положувајќи цвеќиња пред полската претседателска палата.
Според Качински истрагата почнува дури сега затоа што истрагата за време на владата на Туск не била кредибилна. Новата полска влада ги отфрли заклучоците на истрагата во која заклучи дека несреќата се случила поради лошите метеоролошки услови и грешки на пилотите и руските контролори.
Сегашната полска влада која ја освои власта во октомври 2015 година, отвори нова истрага и ја поддржува тезата за атентат врз претседателот.
“Не можам да ги предвидам резултатите на истрага но знам дека вистинската истрага започна и знам дека Полјаците често се излажале кога лесно ја давале својата прочка. Прочката е неопходна но таа доаѓа дури откако ќе се признае вината и кога ќе се примени соодветната казна“, изјави Качински.




