Северна Кореја денеска соопшти дека ќе го рестартира нуклеарниот реактор во Јонгбјон, кој беше затворен во 2007-ма година. Според државната агенција, тоа вклучува и обновување на процесот за збогатување со ураниум.
Во Јонгбјон беше произведен плутониоумот за првите два нуклеарни теста на Северна Кореја, во 2006-та и 2009-та година. Инаку, денеска медиумите во Пјонгјанг објавија говор на лидерот Ким Џонг Ун во кој тој истакнува дека нуклеарната програма го помага економскиот развој на земјата.
Деновиве Кин Џон Ун прогласи состојба на војна со Јужна Кореја.
Весникот „Вашингтон пост“ повикувајќи се на неименувани извори информира дека американски експерти стравуваат дека Пјонгјанг при последната нуклеарна проба активирал атомска бомба со високозбогатен ураниум. Ова би значело дека режимот не само што може да произведе високозбогатен ураниум, туку на тоа поле веројатно тесно соработува со Иран.
Сепак, портпаролот на Белата куќа Џеј Карни во Вашингтон вели дека нема знаци дека Северна Кореја воените закани против Јужна Кореја и САД ќе ги претвори во дела.
„И покрај острата реторика, која ја слушаме од Пјонгјанг не гледаме промени во позиционирањето на севернокорејската војска како на пример широка мобилизација и позиционирање на трупите“. Тој нагласи дека заканите од Северна Кореја следуваат по позната шема. Сепак тие се сфаќаат сериозно.