Во Албанија во последните 22 години убиени се 6.000 лица поради крвна одмазда, додека бројот на оние кои се затворени во своите домови, во страв да не бидат ликвидирани, изнесува 10.000, соопшти Народниот правобранител на Албанија.
Овие загрижувачки податоци се наоѓаат во Извештајот на правобранителот, во којшто ги има изнесено и своите погледи околу мерките кои треба да ги презема државата за да се спречи оваа појава, пренесува весникот „Шекули“.
Најголемиот број на убиствата поради крвна одмазда се извршени во Тирана каде што мигрирале голем број на семејства од повеќе делови на Албанија за време на транзицијата, наведува Правобранителот.
Во извештајот на оваа институција се наведува дека последните години има намалување на бројот на убиствата поради крвна одмазда, но сепак појавата е многу актуелна и бара решавање.