Вчера вечер, во киното Милениум, со „Сен Амур“, филмот што го отвори и последното издание на Берлинскиот филмски фестивал, беше отворено 19. издание на Скопје филм фестивал. Се работи за најновиот филм на белгиско – францускиот режисерски двоец Беноа Делепин и Густав Керверн (Benoît Delépine, Gustave Kerver) , со Жерар Депардје и Кјара Мастројани во главните улоги, а во која се појавува и познатиот француски писател Мишел Уелбек.
Фестивалот продолжува со годинешната програма, за која селекцијата на филмовите ги направи Татајана Јаневска за програмата на Авторски филм, Навид Сарем, од Франција, кој ја направи селекцијата за програмите Фокус на францускиот филм и Панорама на светскиот филм.
Сарем е професионалец во европската филмска индустрија и од Париз пристигна во Скопје специјално за фестивалот.
Селекцијата на кратки филмови ја направи филмскиот критичар Владан Петковиќ од Србија, кој пишува за „Screen Intrnational“ и е селектор за неколку фестивали.
Во Кинотека на Македонија во недела, 24 април, ќе се одржи проекцијата на македонско – германскиот долгометражен документарен филм „Маргина“ на режисерот Љупчо Темелковски. Документарецот е за едно ромско семејство кое се издржува со препродажба на дрва за огрев, но, опкружено со расизам и омраза, семејството решава да емигрира. Програмата на фестивалот може да се погледне на следниот линк.