Челникот на Српската напредна партија (СНС) и српски премиер Александар Вучиќ прогласи историска победа на неговата партија на предвремените парламентарни избори во Србија. Притоа тој вети дека ќе го зачува курсот на земјата да стане членка на европската унија.
„Мислам дека ова е историски резултат. Да се добие во апсолутен број повеќе гласови или во проценти поголем број гласови од пред две години кога тргнавме во многу тешки реформи, е извонреден успех“, изјави Вучиќ наведувајќи: „Србија ќе продолжи на европскиот пат и ќе се обидеме да го забрзаме“.
Според првичните резултати неговата партија на десниот центар доби 49 насто од гласовите. Левичарската Социјалистичка партија остана втора најголема партија во парламентот со скоро 13 насто од гласовите, додека ултра националистичката Радикална Партија на Воислав Шешељ влезе во парламентот со скоро 7 ипол насто.
Водечките опозициски партии и коалиции оценија дека изборниот процес минал со бројни нерегуларности и најавија приговори до Републиката изборна комисија и тужби.
Вчера во Србија се спроведуваа вонредните парламентарните избори, покраинските избори во Војводина, како и изборите за советите на општините и градовите.




