По најавите на официјален Пјонгјанг дека е подготвен да изврши нуклеарен напад врз САД, Европската унија со дециден став – „Северна Кореја да престане да ја зголемува тензијата и наместо тоа повторно да започне дијалог со меѓународната заедница“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон истакна дека жали поради соопштението на Пјонгјанг дека повторно ќе го отвори нуклеарниот реактор Јонгбјон, од каде добива плутониум потребен за својата нуклеарна програма.
Ваквата одлука претставува „јасно кршење“ на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и на обврските преземени во 2007 година кога Северна Кореја се согласи за затворање на реакторот во шестостраните разговори за денуклеаризација, на кои учествувале и Кина, Русија, САД, Јапонија и Јужна Кореја.
„Постојаното кршење на прифатените меѓународни обврски, што се заканува со нестабилност во регионот, обврзно ќе доведе до еден посилен одговор на меѓународната заедница“, истакна Ештон во соопштението.