Досега водечките претенденти за номинација на Републиканската, односно на Демократската партија, на изборите за претседател на САД, Доналд Трамп и Хилари Клинтон, на изборите во своите партии освоија победи уште во по пет, односно четири држави на американскиот североисток.
Трамп, по победата на внатрепартиските избори во Конектикат, Делавер, Мериленд,Пенсилванија и Роуд Ајленд, веќе се прогласи за кандидат на републиканците.
Тој од 118 делегати, освои 105 гласа, со што го зголеми вкупниот број на свои делегати на 950. Џон Кејсик освои пет делегати од Род Ајленд, а Том Круз еден. За директна републиканска номинација потребни се 1.237 делегати.
И Хилари Клинтон победи, во четири од петте споменати држави, и загуби во една, во Роуд Ајленд, и сега има 90% од 2.383 делегати, колку што се потребни за директна демократска номинација.
И покрај се, Берни Сандерс како ривал на Клинтон, и Круз и Кејсик на Трамп, ветуваат дека ќе ја продолжат трката, без разлика што шансите им се се послаби.
Круз и Кејсик заедно работат и се закануваат дека ќе го натераат Трамп со нив да се соочи на самата национална конвенција на Републиканската партија во јули, кога ќе биде одреден републиканскиот претседателски кандидат. На конвенцијата после првиот круг делегатите можат да гласаат за кого сакаат.
За Трамп , кој во моментов има 77% од потребните делегати, трката е завршена. Од позиција на претендент кој се смета за сигурен кандидат за претседател, Трамп и се обрати на Клинтон, велејќи дека единствена предност и е што се рекламира како прва жена која сака да стане претседател на САД, а кога би била маж, не би добила ниту 5% од гласовите.




