Официјални претставници на египетската авијација соопштија дека се урнал авион на „Иџипт Ер“ кој летал на релација Париз- Каиро, во кој имало 66 патници и членови на екипажот.
Авионот исчезнал од радарот непосредно по влегувањето во египетскиот воздушен простор, а египетските власти претпоставуваат дека завршил во Средоземното море. Во меѓувреме се појавија и контрадикторни информации за наводен повик за помош непосредно пред исчезнувањето.
Засега нема информација што всушност се случило со авионот, изјави египетскиот премиер Шериф Исмаил, кој не ја исклучи можноста дека се работи за терористички напад.
Иџипт ер потврди дека во авионот се наоѓале 30 египетски, 15 француски, два ирачки и по еден државјанин на Велика Британија, Кувајт, Саудиска арабија, Судан, Чад, Португалија, Алжир и Канада.
Први за помош на египетските власти стигнале грчките служби кои и први го забележале исчезнувањето на авионот.
Египетското цивилно воздухопловство соопшти дека контактот со авионот е изгубен на 16 километри внатре во египетскиот воздушен простор и на 20 минути од слетувањето.
Авинот полетал од Париз синоќа околу 23.09 часот од аеродромот Шарл де Гол, а радарите последен пат го забележале на висина од 11.000 метри над Медитеранот. Според грчките служби авионот не губел висина туку одеднаш исчезнал.
Во октомври минатата година на полуостровот Синај се урна Ербас на компанијата Метроџет со 224 патници. Најверојатна причина е бомба која била поставена во авионот од припадници на Исламската држава.




