Доколку до понеделник, Специјалното обвинителство не добие истражител од Управата за финансиска полиција, Јанева ќе бара дисциплинска постапка за директорот Александар Тргачевски.
Од Специјалното обвинителство велат дека според Законот за кривична постапка, не може да биде одбиена наредбата на јавен обвинител, кој бара истражител во својот тим за истраги.
СЈО иако има потреба од уште еден истражител било првично одбиено без образложение, додека подоцна од Управата појасниле дека немаат доволно кадар.
Од Управата за финансиска полиција велат дека во целост ја подржува работата на Специјалното јавно обвинителство и го охрабрува да ја извршува својата функција во согласност со законите.
Оттаму потврдија дека покрај отстапените 4 обвинители, од СЈО бараат уште еден, но поради незавршените кривични предмети на отстапените истражители, Управата се соочува со недостаток на кадар.
„Точно е дека до директорот на Управата за финансиска полиција е пристигната нова наредба за доделување на дополнителен еден финансиски полицаец како истражител во Специјалното јавно обвинителство и точно е дека со писмо/замолница директорот се обрати до Специјалното обвинителство со објаснување дека во моментов нема елементарни услови за отстапување на нови истражители од една едноставна причина а тоа е недоволен кадровски капацитет, а секое натамошно намалување на бројот на вработени ќе биде рамен на катастрофа за институцијата што секако не е добро за Република Македонија.
Во моментов во Управата за финансиска полиција се водат вкупно 338 предистражни постапки (вклучително и 49 те оставени од веќе отстапените истражители) од кои повеќе од 2/3 се во стварна и месна надлежност на Основното Јавно обвинителство-Скопје. Специјалното јавно обвинителство беше информирано дека според систематизацијата на Финансиската полиција која е правена согласно потребите и обемот на работа, не се пополнети повеќе од 1/3 од предвидените работни места и дека бројот на обучени финансиски полицајци беше намален и поради доброволно напуштање на работното место на неколку финансиски полицајци кои исто така оставија поголем број предмети за кои се во тек предистражни и истражни постапки., се вели во соопштението оттаму.
Од Управата за финансиска полиција велат дека поради драстично намалениот број на инспектори кои се обучени за борба против финансиски криминал, Управата за финансиска полиција во последните 6 месеци добива сериозни забелешки за брзината на постапување од надлежните јавни обвинителства.
Иако беа посочени дека распределуваат истражители до Основното обвинителство, но не и до СЈО, од финансиска полиција велат дека тамошните предмети се во завршна фаза и тоа нема да значи намалување на кадарот во финансиската полиција.
-Точен е податокот дека Основното јавно обвинителство – Скопје достави наредба за доделување на истражители од Финансиската полиција, но во интерес на вистината мораме да појасниме дека наредбата се однесува за предмети по кои веќе се постапува од страна на побараните финансиски полицајци и кои се во завршна фаза на предистражна односно истражна постапка заради што ваквата наредба нема да значи намалување на бројот на финансиски полицајци и нема да има негативно влијание на работата на Управата.
Управата за финансиска полиција во целост ја демантира информацијата дека на Основното јавно обвинителство со дозвола на директорот му се отстапени дури 70 финансиски полицајци кои треба да работат како истражители, а доказ дека информацијата е измислена, злонамерна и тенденциозна е фактот што Финансиската полиција како орган нема толкав број на вработени вклучувајќи ги тука и административниот и помошниот персонал заедно, се вели во соопштението.