Претседателот на ВМРО ДПМНЕ вели дека немало да се враќа на премиерската функција бидејќи не сакал да се стекне погрешен впечаток дека тој тоа го правел поради лични интереси.
Ако се вратев сега на функцијата, многумина ќе помислеа дека можеби ја внесувам земјата во некаков ризик за да бидам премиер. Мене тоа не ми е приоритет. Мене приоритет секогаш ми бил заедничкиот успех како партиски, така и државен. Ако ова придонесе и малку да се намалат тензиите во општеството, тоа ќе е уште подобро, вели тој во четвртиот дел од интервјуто за порталот „Телеграф“.
Таканареченото мегаинтервју во четири дела коешто се публикува цела недела предизвика реакции во јавноста околу одредени прашања коментарани од Груевски. Во претхдниот, трет дел, тој го нападна Специјалното јавно обвинителство тврдејќи дека тие постапувале со омраза кон владејачката партија и за интересите на СДСМ.
Другите се шокирани кога ги слушаат и потоа коментираат, во смисла дека се одлепиле од земја, дека им требаше еден месец и неколку прес-конференции за да летнат во воздух, рече тој за СЈО.
Сепак, најмногу внимание предизвика првиот дел од ова интервју каде што Груевски велеше дека дел од невладините организации под палката на Фондацијата „Отворено општество Македонија“ дејствувале секташки, врбувале млади и перспективни луѓе и вршеле индоктринација кон нив.
„Па, еве, еден пример што ми го раскажа еден од учесниците, мислам некаде во 2009 година од предавањата. Говорејќи им против политиките на Владата, побарале секој од присутните да се качи на маса и да скокне и да ја гази програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Тотално лудо! Или барање во хор ситеслушатели на предавањата да повторуваат: Оваа Влада не чини!!! И повеќе слични работи, кои човек го шокираат кога ги слуша. Не се сите вакви методи, имаат и пософистицирани, но имаат и многу вакви“, вели Груевски.