Нови жестоки инциденти со десетици повредени и приведени мигранти и бегалци во текот на ноќта на островот Самос и во бегалскиот центар во солунската населба Ореокастро.
На Самос со часови група од 150 луѓе, бегалци и мигранти од Мароко, Алжир и Пакистан меѓусебно се напаѓаа со камења и железни шипки. Покрај жестокото физичко насилство во судирите беа подметнати и пожари низ мигрантскиот центар кои зафатија неколку куќарки во кои спијат бегалците, загрозувајќи голем број жени и деца.
Во судирите повредени се 15 луѓе, од кои еден со посериозно и е пренесен во болница надвор од Самос. По полициската акција, во која беа приведени и уапсени 25 луѓе, судирите се смирија.
Во истовреме додека траеја судирите, на островот се одржуваше прес конференција за бегалскиот проблем на која учествуваа лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, првиот човек на Река, Ставрос Теодоракис и министерот за внатрешни работи Панајотис Курублис.
Во судирите во бегалскиот центар Ореокасто во Солун учествуваа 50 луѓе, во кои со нож беше нападнато и повредено 18 годишно момче.
Ова се два нови судири меѓу бегалците во рок од два дена, по вчерашното насилство на островот Лезбос во кој изгоре половина од мигрантскиот центар. Зачестените судири во бегалските центри покажуваат дека веќе истекува и трпението на бегалците кои со месеци живеат во неизвесност што ќе се случува со нив.
Грчката морнарица од утрово има огромна акција за спасување на околу 700 бегалци и мигранти кои се наоѓале на брод кој се оценува дека потонал во близина на островот Крит. Во акцијата се вклучени бродови и авион на грчката морнарица и еден хеликоптер на воената авијација.




