Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ би можел наскоро да поднесе оставка, објави порталот Direktno.hr, кој важи за близок до владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
Според “добро информирани медиумски кругови“ на кои се повикува порталот Орешковиќ планира во наредните 24 часа да одржи драматичен говор, а би можел да поднесе и неотповиклива оставка поради актуелната политичка криза.
Од Владата негирале дека ќе се одржи прес-конференција, но не коментирале околу можната оставка.
Гласините за оставка на Орешковиќ се појавија откако вчера беше одложена редовната седница на Владата.
Владејачката коалиција на десниот центар, составена од ХДЗ и Независната листа Мост се соочува со аферата „Консултант“ што ја објавија медиумите , за поврзаноста на компанијата на сопругата на хрватскиот вицепремиер и лидер на ХДЗ, Томислав Карамарко, со консултантот на унгарската компанија МОЛ, Јосип Петровиќ, и за две години од него добила околу 60 илјади евра.
Поради ова Комисијата за утврдување на судир на интереси покрена постапка против хрватскиот вицепремиер, а највлијателната опозициска партија Социјалдемократска партија и лидерот Зоран Милановиќ покренаа и иницијатива за гласање на недоверба во хрватскиот Сабор. Иницијативата беше одржана и од Мост, без чија поддршка во Саборот владејачката коалиција нема мнозинството.




