Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска се сретнал со амбасадорот Јоханес Хајндл, личен претставник на министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, информираат од Кабинетот на претседателот.
Оттаму велат дека Амбасадорот Хајндл ја поздравил одлуката на претседателот Иванов за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка, со што се отвори можност за фокусирање кон обврските од договорот од Пржино.
На средбата претседателот Иванов изрази очекување дека неговата одлука ќе придонесе за надминување на политичката криза.
Во таа насока, двајцата соговорници се согласија за потребата за спроведување на обврските од договорот од Пржино, како и неопходните реформи, кои се единствениот начин за излез од политичката криза.
„Нема повеќе место за алиби, изговори и избегнување на обврските од договорот од Пржино. Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата“, рече Иванов на средбата.