Судија на претходна постапка попладнево на петмина приведени од Економскиот факултет во акцијата наречена „Еразмус“ им определи мерки за обезбедување присуство односно привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, и обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по повеќемесечна оперативна обработка на податоци, соопшти дека прибрале докази за основано сомнение за сторени кривични дела со коруптивна природа каде оштетени се студенти од УКИМ.
Осомничени се осум лица од кои шест се универзитетски професори, еден демонстратор и еден управител на бифе во универзитетскиот комплекс. Лицата се сомничат за сторени повеќе кривични дела за кои ќе се одлучува по спроведената истрага. Освен примање пари, според обвинителството, постои степен на основано сомнение дека дел од професорите барале и извршување на сексуални услуги заради полагање на испит.
Во текот на вчерашниот ден при преземените дејствија за прибирање на докази по издадената Наредба за претрес, од обвинителство велат дека еден од професорите е затечен инфлагранти во извршување на кривично дело – Примање на поткуп од 1000 евра, додека за останатите се обезбедени докази во изминатиот период.