Во САД вчера се одржаа избори на Демократската партија во шест сојузни држави, од кои Клинтон победи во Њу Џерси, во Ново Мексико и во Јужна Дакота, значајно води во Калифорнија, додека Сандерс, според прелиминарните резултати, најверојатно победил само во Монтана и во Северна Дакота.
Клинтон синоќа прогласи историска победа за жените со тоа што освои доволен број гласови на делегати за да стане демократски претседателски кандидат, но Сандерс и покрај сѐ одбива да го признае поразот. Тој порача дека жестоко ќе се бори за победа на внатрепартиските избори во Вашингтон, зборувајќи за последните вакви избори што ќе се одржат следниот вторник.
Следниот месец ќе се одржи Конвенцијата на Демократската партија, на која, повеќе од сигурно, Хилари Клинтон ќе биде официјално прогласена за кандидат за претседател на САД.
Американскиот претседател Барак Обама ѝ честиташе на Хилари Клинтон за освојувањето на номинацијата и најави дека планира утре да се состане со нејзиниот партиски ривал Берни Сандерс, на барање на сенаторот од Вермонт, соопшти Белата куќа.




