Специјалното јавно обвинителство преку писмено образложение попладнево детално на Судот му образложи зошто е надлежно за предметот со незаконското уништување на опремата за прислушување, познат како „Тврдина“, откако дообјаснување околу надлежноста на СЈО врз овој предмет побара судијка од Кривичниот суд со образложение дека СЈО не доставиле докази на кои се повикуваат на наредбата за спроведување на истражна постапка.
-Во Кривичниот законик е определено за кое кривично дело кој е овластен тужител, поточно истиот определува за кои кривични дела гони приватниот тужител, а сите други се во надлежност на јавниот обвинител, како овластен тужител.Кривичните дела за кои се терети осомничениот Г.Г. се гонат по службена должност и овластен тужител за истите е јавниот обвинител.Jавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е востановено во правниот систем на Република Македонија со Законот донесен во Собранието на Република Македонија, и со тоа станува дел од Јавнообвинителската структура. Со тоа Јавниот обвинител кој раководи со ова обвинителство станува овластен тужител за кривични дела за кои се гони по службена должност.
Надлежноста на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е предвидена во членот 5 од Законот и многу јасно е наведено дека Јавниот обвинител е овластен да истражува и гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, се вели во образложението на Јанева.
Во долгото писмо до судот СЈО појаснува неколку пати дека предметот за опремата треба да се третира исто како и Пуч и првоосмничениот кој беше во куќен притвор да биде повторно под надзор на судот и полицијата.
-Законодавецот ги одвоил и разликува две категории на процесна надлежност, исклучиво на ова јавно обвинителство. Едната е кривичните дела да бидат поврзани со неовластено следење на комуникациите и втората е кривичните дела да произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Поврзаноста опфаќа многу поширок спектар и таа ги опфаќа сите криминални дејствија извршени во насока на злоупотреба на системите на следење на комуникациите, нивно уништување во насока на попречување на откривање на лицата кои го злоупотребиле системот и секако тука неизбежен дел е и случајот познат како „Пуч“. За сите овие дејствија судот не може да очекува дека ќе постои комуникација. Напротив, тоа се дејствија со кои е овозможено незаконското следење на комуникациите и спречување на докажување за злоупотреба на таквите средства.
Значи, доколку го видите описот на дејствијата за кои се терети осомничениот Г.Г. во наредбата за спроведување на истрага, заедно со приложените докази ќе видите дека истиот се терети за криминални дејствија со кои незаконски е уништена опремата за следење на комуникациите, а која била користена за незаконско следење на комуникациите. Таквиот факт впрочем е утврден со правосилна пресуда на Вашиот суд, врз основа на Предлог спогодба…Од Вашиот допис не е разбирливо дали предлогот за мерки на претпазливост е неразбирлив или не содржи се што е потребно за да ни го доставите на доуредување, па ако не го доуредиме да го отфрлите. Според одредбата на која се повикувате тоа се единствените можности кои ги има судот за да врати одреден поднесок на доуредување, меѓутоа од дописот не се стекнува впечаток дека предлогот ни е неразбирлив или дека не содржи се што е потребно. Напротив, истиот ги содржи сите задолжителни елементи кои ги предвидува законот за таков предлог, по кој може судот да донесе решение согласно член 147 од ЗКП. се вели во писменото образложение на Јанева.
Од СЈО се изненадени што Судот бара дополнително образложение за надлежноста, со оглед на фактот што на началникот Горан Грујовски, судот веќе еднаш му даде мерка притвор која за помалку од една недела беше заменета со куќен притвор. Подоцна со одлуката на Иванов за колективна аболицијата со која беше опфатен и Грујовски, притворот беше прекинат. Со укинувањето на аболицијата од СЈО повторно барат притвор за него, како и мерки за претпазливост за уште четири осомничени лица во овој случај.
За случајот Тврдина СЈО ги товари двајца началници од одделот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска дека во март минатата година ја искористиле својата полoжба и ги пречекориле овластувањата со тоа што организирале и спроведеле уништување на два система за следење на комуникациите.
Предмет„Тврдина“: Незаконско уништување на опрема за прислушување




