Напаѓачот кој вчеравечер во предградието на Париз убие полицаец и неговата сопруга го емитувал нападот во живо на Фејсбук, јави Си Ен Ен, повикувајќи се на неименуван извор од истрагата.
Убиецот идентификуван како 25 – годишниот Лароси Абала го избодел со ноже полицаецот пред неговиот дом, а потоа ја убил неговата жена, додека нивното тригодишно дете неколку часа го држел во заложништво. Драмата ја прекинале француските специјалци кои го убиле Абала и го спасиле детето.
Абала во 2013 година бил осуден за поврзаност со џихадистичка организација која оперирала во Франција и Пакистан. Бил осуден на три години казна затвор, од кои шест месеци условно, за заговор и здружување за извршување терористички напади. Роден е во Мант ла Жоли, во близина на Париз.
Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека без сомнение се работи за терористички чин, додавајќи дека Франција сепак не е единствената земја на којашто и се заканува тероризмот, посочувајќи го масакрот во Ораландо.
Убиствата се случуваат во време кога Франција се наоѓа на високо ниво на тревога како домаќин на европското првенство во фудбал. Во земјата уште е на сила вонредната состојба по терористичките напади во ноември лани, во кои беа убиени 130 луѓе.





