Триесет дена куќен притвор одреди Кривичниот суд за битолскиот градоначалник Владимир Талески, откако Специјалното обвинителство ја обжали првичната одлука да му се одземе само пасошот.
Судот писмено соопштува дека на Талески истовремено му се забранува да го напушти своето живеалиште без судска дозвола, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор.
-Надзорот над куќниот притвор се наложува да го извршува СВР Битола при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом. За секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станива веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 -Скопје. Против ова решение дозволена е жалба во рок од 24 часа преку овој суд до Апелационен суд Скопје, се вели во соопштението.
Талески е еден од осомничените во случајот Транспортер, во кој 22 лица се товарат за незаконски тендери за транспорт на учениците од училиштата во регионот на Битола.
Истрагата опфаќа вкупно 81 криминално дејствие, спротивни на Законот за јавни набавки и Законот за средно и основно образование, а освен градоначалникот осомничени се уште 22 лица за злоупотреба на службената положба и проневера на пари.
За Талески првично од СЈО бараа само конфискација за дел од неговиот имот, бидејќи и тој се најде на листата на помилувани од Иванов.
По укинување на аболицијата, СЈО побараа мерка притвор за него.
Случајот со превозот на учениците, беше споменат и во 19. „бомба“ на опозицијата, во која министерот за финансии Зоран Ставрески во разговор со екс-министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска, споменува дека битолскиот градоначалник за превоз на учениците склучил договор „коруптивен до даска“ со цени десет пати повисоки од предвиденото.