Ракети со среден дострел лансирани од страна на Северна Кореја е најновиот “инцидент“ на Пјонгјанг. Се работи за ракети „мусудан“, објави јужнокорејската агенција Јонхап.
Како што јавува агенцијата, првото лансирање најверојатно било неуспешно и ракетата се распаднала во воздух откако прелетала 150 километри.
Потоа Северна Кореја лансирала втор проектил кој летал околу 400 километри. Сѐ уште не е јасно дали второто лансирање, кое се случило два часа по првото, се смета за успешно и каде паднала ракетата.
Американскиот Стејт департмент и Пентагон ги осудија лансирањата кои според нив претставуваат кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Остро реагираше и премиерот на Јапонија, Шинзо Абе кој рече дека тие не можат да толерираат нови лансирања на проектили.




