Во рамките на Викендот на гордоста Скопје 2016, од 23 до 26 јуни во Кино Култура ќе се одржат серија настани во духот на солидарноста, слободата, човековите правата и алтернативните културни практики.
Во четврток, 23 јуни во 19.30 часот ќе се одржува дебата Аргументирано изразување: „Овој дом (не) верува дека во сегашнава општествена-политичка криза прашањата за правата на ЛГБТИ заедницата треба да добијат поголема видливост“ (во соработка со МОФ како организатори и развивачи на концептот за АРГУМЕНТ).
Во петок во 21.00 часот ќе се одвива перформанс на Борјана Роса (Бугарија/САД) – Во фокус: Внатрешноста.
Во сабота, на 24.јуни во 13 часот, ќе се одржи предавање „14 години подоцна: Историскиот развој на ЛГБТ активизмот во Македонија“ – од Ана Мишковска Кајевска, а во 21 часот, перформанс на Vaginal Davis – светски реномирана ѕвезда на перформансот, позната како terrorist drag, и една од основоположничките на хомокор панк движењето.
Во недела во 21.00 пак, целовечерна забава со The John и Новиот почеток (DJ сетови: Виолета Качакова, Хада Блам, Соња Исмаил).
Целта на серијата настани во рамки на „Викенд на гордоста Скопје 2016“ е да се креира и промовира поинаков светоглед, и да понуди радикална и многустрана критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија.
Носечката идеја на годинешниот „Викенд на гордоста“ е солидарноста.
„Викенд на гордоста“ е во организација на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и ЛГБТИ-Центар за поддршка при Хелсиншкиот комитет. Партнери на овогодишниот Викенд се Младинскиот образовен форум – МОФ и Кино Култура (Локомотива). Поддржано од Амбасадата на САД и Амбасадата на Франција.