Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на вечерашната седница на која се разгледуваат приговорите за Центар од страна на ВМРО-ДПМНЕ, излезе со податок регистриран од службите на ДИК за манипулација на оваа партија.
Имено, жител на Скопје, инаку регистриран како гласач во општина Карпош, бил основа за приговор на ВМРО-ДПМНЕ – дека истото лице гласало во Центар и дека токму таму го видел Нано Ружин од ЛДП, како агитира, што всушност е парадоксална ситуација.
Предходно од страна на потпретседателот на ДИК, Супхи Јакупи беше кажано дека ќе покрене постапка по службена должност против ОИК Центар, бидејќи во претставките од ВМРО – ДПМНЕ имало приговори на кои нема никаков текст ниту потпис и приемен печат туку само печат од ОИК Центар, по што укажа дека бил злоупотребен печатот на ОИК, односно праша дали ОИК подготвувале бланко ливчиња за во случај да не затреба да се запише забелешка.
ДИК досега не прифати 41 приговор од поднесените 66 приговори од ВМРО-ДПМНЕ за Општина Центар за кандидатот на здружената опозиција, Андреј Жерновски.
Образложението на приговорите на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на опозиционата СДСМ за нарушување на приватноста на гласањето, агитирање и вербални напади.
Дополнително, од страна на ВМРО-ДПМНЕ се проблематизира гласањето на жителите од Пустец, Албанија, а како доказ владејачката партија ги приложи новинарските извештаи од Интернет порталите.
Како доказ ВМРО-ДПМНЕ дури поднесе и извештаи од интернет портали кои тврдат дека гласале жители од Пустец и Корча од Албанија.
Сашо Срцев како член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ говорејќи и воедно протестирајќи за гласањето на лицата од Пустец, доби реплика од првиот човек на ДИК, Борис Кондарко, кој го прашал кој всушност ги донел лицата од Пустец, кој им испечатил лични карти во кои стои токму Центар како адреса за живеење.