Властите во Буенос Аирес одлучија да ја затворат зоолошката градина во Буенос Аирес со образложение дека чувањето и изложувањето диви животни заробени во кафези е понижувачки.
Градоначалникот Хорацио Ларета Родригез изјави дека 2.500 животни од зоолошката градина, постепено ќе бидат преселени во природни резервати во Аргентина кои можат да им обезбедат попогодна средина, а зоолошката градина стара 140 години ќе стане еко-парк.
– Оваа ситуација на заробеништво е понижувачка за животните, тоа не е начин на кој треба да се грижиме за нив, изјави Родригез.
Зоолошката градина во Буенос Аирес беше една од главните туристички атракции во градот, но и покрај својата популарност, таа е во распаѓање е во загуба во однос на своите приватни концесионери.
Покрај тоа, таа привлече лош публицитет во последниве години, особено со очајната ситуација на заробените поларни мечки во неподносливо топлите лета во градот. Последната преостаната поларна мечка во зоолошката градина почина пред три и пол години, делумно поради високите температури и несоодветни услови во зоолошката градина.




