Еден од поголемите донатори на кампањата “Leave” за Брегзит, Питер Харгривс вели воопшто не се кае иако загуби стотици милиони фунти по успешноста на референдумот.
Тој е сопственик на една третина од акциите во компанија за финансиски консултантски услуги и нејзин основач. Пред референдумот донирал 3.2 милиони фунти, а веднаш по објавените резултати од Брегзит, компанијата загубила 400 милиони.
– Акциите паднаа како што падна се друго, „Харгривс Ленсдаун“ загуби многу, изјави милионерот за Гардијан.
Но сепак како што вели, тоа не го направил за себе туку за доброто на Велика Британија. Харгривс смета дека во иднина компаниите ќе профитираат од Брегзит.
Ситуацијата со Брегзит тој ја споредува со 1992 година кога Британија го напушти системот за девизен курс.
– Се издигнавме од пепелта како феникс и до 1997 година имавме балансиран буџет и трговски суфицит. Зошто сега би било поразлично? Одеднаш Британија е поконкурентна, вели тој.
Во јавноста секоја компанија си има свое видување за Брегзит, а многу од нив сметаат дека одлуката за напуштање на пазарот на ЕУ е погрешна.




