ВМРО-Народна партија соопштува дека високо ги цени активностите што во одреден период ги правеа невладините организации и граѓански здруженија во Р.Македонија, во насока за демократизирање во сите области на општеството.
– Нивниот ангажман околу обезбедувањето на фер, демократски и кредибилни избори, наиде на широка подршка и симпатии кај граѓаните. ВМРО-Народна партија меѓутоа, смета дека со последниот ултиматум за обезбедување на таканареченото “петто столче“ за нивно учество во политичките разговори за надминување на кризата, ги пречекорува основните принципи и овластувања на граѓанскиот сектор за политички ангажман од нивна страна, се вели во соопштението на партијата.
ВМРО-Народна партија истовремено предупредува дека на овој начин, невладините организации и граѓански здруженија, ја отежнуваат преговарачката позиција на опозицијата предводена од СДСМ.
– Подршката со тоа што целосно се ставија на страна на опозицијата, не значи дека СДСМ и останатите политички опозициски партии, треба да бидат нивни заложници и да дејствуваат според нивните наредби. Се добива впечаток дека се однесуваат како политички партии, а не како граѓански здруженија, предупредува ВМРО-НП.
ВМРО-Народна партија предлага, ако сакаат да продолжат со политичко дејствување, да се пререгистрираат во политички партии и со тоа да ги стекнат сите права и обврски што произлегуваат од Законот за политички партии, а се до тогаш, овие здруженија треба да се однесуваат во рамките на нивните надлежности и да не присвојуваат права што не им припаѓаат според законот.




