Крштевањето на бебето во Дојранското езеро, а потоа и градоначалникот кој се избања пред камерите на една телевизија и ги поттикна граѓаните да ја бојкотираат забраната за капење ме потсети на еден потег на Никола Груевски кога беше министер за финансии. Во време кога фрчеа прекршочни пријави и казни за млекарниците, за кои се откри дека ставале млеко во прав во јогуртот и млекото над дозволените граници, Груевски пресече и застана на страната на млекарниците.
Само неколку дена откако изби аферата, во Владата, пред министрите и новинарите тогашниот министер за финансии и творец на кампањата„Купувајте македонски производи, испи чаша македонско млеко со што симболично и покажа на јавноста дека млекото и јогуртот се исправни за пиење. Учениците брзо учат.
Таа симболика ја видов и сега во претставата со попот и таткото, кои го потопија бебето со глава во забранетата вода за капење, а чинот на крштевањето на малиот Александар се одвиваше повторно пред телевизиските камери. Траги-комично!Идиотски!
Пред камерата попот заборави како се вика бебето кое штотуку го крсти, но не испушти да каже дека водата е добра за капење и дека треба сите да се бањаат. Неодговорниот и несовесен татко само ја сврти главата и на прашањето од новинарот дали чувствува страв само одговори: „Нема страв, зошто страв, ма, ајде!“ Добра реклама! Купувајте македонски производи! Бебето, трето по ред дете на гевгелиското семејството беше „жртвувано“ за да докажат дека водата во Дојранското езеро е добра за капење и дека летната сезона не смее да пропадне само врз основа на резултатите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат , за кои градоначалникот Борче Стамов изрази сомневање дека се воопшто точни.
Локалната власт ги стави економските интереси пред здравјето на граѓаните и малите деца иако инспекторат донесе одлука за забрана за капење поради бактериолошките и хемиски анализи на водата кои покажале загаденост од трет степен. Забраната важи за четири плажи, а општината требало да ги информира туристите со табли на кои е истакнато дека капењето е забрането. Втората претстава беше со градоначалникот Стамов кој се избања во водите на Дојранското езеро, а околу него пливаа група луѓе кои ги донел како декор во водата каде што е забрането капењето. Претходно еден од нив, кој рече дека бил крводарител, влезе и се напи од водата, па порача да дојдат и да му ја испитаат крвта по три месеци.
Градоначалникот пред камерата не убедуваше дека водата никогаш не била почиста во последните 20 години. Има ли пилот во авионот, во оваа држава? И да се покаже дека резултатите се грешка со дополнителни анализи(условно кажано), постапката на градоначалникот пред да се докаже тоа, повлекува законски мерки за заведување и манипулација на граѓаните и ставање во опасност на нивното здравје. Тој најави дополнителни испитувања од други институции, а како главен аргумент за луѓето да се бањаат му е тоа што во водата не биле најдени фекални бактерии. Гротеска!
Каде е сега министерот за здравство Тодоров? Неговиот сопартиец , не само што ги негира резултатите од Санитарниот и здравствен инспекторат, туку го става во опасност и здравјето на граѓаните. Само да не му пропадне туристичката сезона. Зошто молчи министерот? Зошто молчи Владата? Молчењето значи одобрување на однесувањето на градоначалникот кој ги бојкотира резултатите од оваа здравствена институција. Самоволието на градоначалникот потпомогнато и јавно пренесено преку една телевизија, јасно укажува на однапред смислено сценарио. Кои се се учесници, допрва ќе видиме. Засега на тапет е градоначалникот со своите постапки треба да биде пример пред граѓаните, а не да ги злоупотребува за да не му пропадне туристичката сезона бидејќи не му излегол есапот како што замислувал.
За ваква функција не треба само искуство туку и мудрост, а најмногу од се култура на живеење и однесување. Ако соберете се на купче, Стамов кој е роден 1985 година и немал многу време за тоа. Политичките амбиции биле приоритет. А, кај нас во мода се такви функционери. Следната претстава што ја очекувам е групно крштевање на сите министри кои не се крстени како мали во црква.
Водите на Дојранското езеро наскоро може ќе станат и лековити како тие на светата река Јордан во Ерусалим, ако ги освети епископот или некој од владиците на МПЦ, на пример. Тоа е третото можно сценарио кое би требало да биде најубедливо за граѓаните. За да се отстрани сомнежот за квалитетот на водата, нели? И да надојдат повеќе туристи. Тоа е поубедливо од здравјето и животот на едно бебе, за кое не видовме дека се секира ниту родителот. А, ќе може да здивне и градоначалникот Стамов, кој се умори од изјави и пливање пред камери за да не му отиде туристичката сезона годинава за џабе.