Москва, Брисел, Рим, Париз, ЕУ, НАТО и државниците од целиот свет остро го осудија терористичкиот напад на маратонот во Бостон и им изразија сочувство на семејствата на настраданите.
Во терористичкиот напад кој се случи доцна синоќа во Бостон, САД, над стотина луѓе се повредени, а тројца загинаа, меѓу кои и осумгодишно дете, 17 се во критична состојба, 144 се повредени. На над десетина луѓе им била извршена ампутација на стапалата.
Владимир Путин во писмото до Барак Обама му понудил помош во истрагата.
Путин нападот го нарекол „варварски чин“ и истакнал дека „борбата против тероризмот бара активна координација на целата светска заедница“.
Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки Мун го осуди нападот во Бостон. „Го осудувам ова бесмислено насилство кое е уште повеќе застрашувачко бидејќи се случува на настан што е познат по зближување на луѓето во светот во спорстки дух и хармонија“, изјави Бан Ки Мун.
„Го осудувам нападот во Бостон и длабоко жалам порадо трагичниот исход и загибата на невини животи. Одговорните за ова злосторство ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, истакна денеска претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпуј.
Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, е „длабоко шокиран“ од нападот.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изрази „солидарност на американската влада и народ по смртоносните експлозии во Бостон.
И авганистанскиот претседател Хамид Карзаи најостро го осуди нападот.