Полицијата во Минхен извести дека пронајдено е уште едно мртво тело во акцијата која се одвива во Минхен по нападот на трговски центар, јавуваат светските медиуми.
Со ова бројот на загинати се искачи на девет, откако претходно полицијата соопшти дека досега има осум жртви.
Sadly there are eight fatal casualties now.#gunfire #munich #oez
— Polizei München (@PolizeiMuenchen) July 22, 2016
Како што информира полицијата, се испитува дали едно од загинатите лица било инволвирано во нападот.
We are verifying the possibility of one dead person being involved in the shooting, #München, #oez, #Schießerei
— Polizei München (@PolizeiMuenchen) July 22, 2016
Полицијата апелираше до граѓаните да не објавуваат шпекулации во врска со случувањата на социјалните мрежи. Во Минхен прогласена е вонредна состојба, а во оперцијата вклучена е и елитната германска единица за борба против тероризам.
Засега нема информации дали меѓу настраданите има македонски државјани.
Како што јавуваат германските медиуми, џамиите во Минхен ќе останат отворени во текот на ноќта за секој кој има потреба од засолниште, бидејќи јавниот транспорт е запрен и многу луѓе не можат да се вратат дома.
Вечерва на вонредна седница заседава германската Влада, а според медиумите на состанокот не присуствува германската канцеларка Ангела Меркел, како ни министерот за внатрешни работи Томас де Мезиер, кој попладнево заминал на одмор во САД, но според извори во Министерството тој го прекинал одморот.
Портпаролот на полицијата претходно изјави дека се трага по тројца сторители и дека постои сомнеж нападот да е тероризам.
По нападот кој се случи околу 18 часот попладнево, затворена е областа во јужниот дел на градот. Напаѓачите се се уште во бегство, а полицијата ги советува луѓето да не ги напуштаат своите домови и да избегнуваат јавни места.
Како што првично објави „Билд“, вооружен маж трчал низ трговскиот центар и пукал на луѓето, по што тој побегнал кон подземната железница. Подоцна за повеќе странски медиуми сведоци на настанот изјавиле дека во облата околу трговскиот центар виделе три наоружани лица.
Во писмено соопштение вечерва и германскиот претседател Јоаким Гаук, посочи дека е ужаснат од настанот во Минхен.
По нападот во Минхен и социјалната мрежа Фејсбук ја активираше опцијата Facebook Safety Check (Проверка на безбедноста) со цел корисниците да споделат со останатите дека се на безбедно место.





