Борис Џонсон имаше извонредна прва недела во канцеларијата, анализира BBC.
Новиот министер за надворешни работи кој сè уште ја немаше завршено својата тура низ неговата нова канцеларија на улицата Кинг Чарлс, веднаш беше принуден да се соочи со неодамнешниот обид за државен удар во Турција.
Тој одржа две конференции во Лондон околу конфликтите во Сирија и Јемен, а направи и тура низ главните дипломатски градови, Брисел, Вашингтон и Њу Јорк, ракувајќи се со колегите министри за надворешни работи.
Зборуваше и гласаше на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Џонсон беше распнат пред целиот свет од страна на американските новинари кои го обвинија дека е лажго кој ја навредил жената која можеби ќе биде новиот претседател.
Премиерката Тереза Меј беше принудена да го брани неговото назначување пред Долниот Дом, како и на прес-конференцијата со германскиот канцелар Ангела Меркел.
На денот на Републиканската конвенција му беше поставено прашање од страна на еден новинар дали тој бил британскиот Доналд Трамп, прашање кое колку што беше несериозно, толку беше и политичко.
Статус на рок ѕвезда
Кога беше прогласено неговото назначување, некои од членовите на Министерството за надворешни работи беа преплашени од оваа одлука.
Еден официјален претставник, кој беше прашан за неговата реакција од страна на репортер за Фајненшл Тајмс, одговори: „Само замислете да ви кажат дека Пирс Морган е поставен за нов главен уредник на ФТ.”
Но, по неколку поминати денови следејќи го Џонсон низ Вашингтон и Њујорк, можам да кажам дека веќе неколку дипломати го преиспитуваат ставот околу нивниот нов шеф, се вели во анализата на британскиот сервис.
Тие се навикнаа на фактот дека Џонсон привлекува многу внимание, како од медиумите, така и од другите политичари. Тие имаат министер кој го има она што се нарекува „статус на рок ѕвезда”.
Тие ја забележуваат разликата помеѓу новиот министер за надворешни работи и неговиот претходник, Филип Хамонд.
Хамонд беше добро познат по неговото мајсторство за детали, а тоа Американците многу го ценеа, особено во нивните преговори за иранската нуклеарна програма. Меѓутоа Хамонд не беше екстравагантен, ниту пак премногу се истакнуваше. Ова не може да се каже и за неговиот наследник.
На конференцијата за анти-исламската држава, Џонсон беше човекот што сите присутни сакаа да го запознаат. Дипломатите и претставниците го сликаа и правеа селфиња со него. Другите министри за надворешни работи го бараа токму него, освен неговиот германски колега – Хер Штајнмаер – чие ракување беше толку отсечно, па дури и неучтиво.
Оваа озогласеност, во секоја смисла на зборот, предизвика предомислување кај некои од членовите на канцеларијата за надворешни работи.
Министерот за надворешни работи ја помина речиси целата недела изгледајќи како стар лабрадор кој само што фатил фазан за првпат и е многу задоволен од неочекуваниот успех. Како контраст на тоа, неговите официјални лица изгледаа како деца кои добиле нов велосипед којшто едвај чекаат да го изведат надвор за да го возат, меѓутоа се загрижени дека можат да паднат.
Некои се плашеа дека од сега па натаму, најважната задача на Министерството за надворешни работи ќе биде излегувањето на Британија од Европската Унија. Но со таков активист и секретар за надворешни работи, на кој му треба многу внимание, тие се надеваат дека има место и за нова дипломатија.
Кое е големото прашање?
Господинот Џонсон кажува, за сите оние кои сакаат да чујат, дека Британија сака да има проактивна улога во светот. Дел од ова е посебно дизајниран за да ги убеди луѓето дека излезот на Велика Британија од ЕУ не значи изолација.
Нов про-активизам
Но, тоа не значи дека Г-динот Џонсон треба само да трча околу светот претставувајќи ја земјата. Сега главната потрага е по нови работи што Британија би ги правела низ светот.
Дипломатите беа замолени да ги соберат своите креативни идеи кои ги имаа во минатото и да ги пратат до Лондон. Ние имавме можност да погледнеме некои од овие идеи во Вашингтон.
Џонсон побара повеќе да се сработи и да се соберат доказите од воените злосторства.
Тој исто така се обиде да ги убеди американците и другите да почнат повеќе да размислуваат околу тоа како да се спречат исламските екстремисти низ светот, откако нивните главни жаришта во Мосул ќе бидат уништени.
На разочарување на некои од американските дипломати, овој нов про-активизам најверојатно нема да резултира со поголемо инволвирање на силите на Велика Британија во борбата против ИСИС.
Британија нема доволно воена опрема за да го зголеми бомбардирањето во Сирија или Ирак, ниту пак има доволно голема политичка желба за да почне со бомбардирање на ИСИС во нови земји како Либија.
И распоредувањето на специјалните сили, затоа што никогаш не е признаено од страна на владата на Велика Британија, не може да се користи за да се илустрира нова, експанзионистичка надворешната политика.
Но очекувањата се дека на состанокот на Генералното собрание на ОН, оваа есен, Велика Британија ќе има четири или пет планови или иницијативи за да покаже на светот дека тие не се само фокусирани на Брегзит.
Сега ентузијазмот кој го имаше Министерството за надворешни работи е предизвикан од страна на реалноста.
Тие знаат дека Џонсон нема неограничена политичка поддршка во Даунинг Стрит, бидејќи тој не е дел од внатрешниот круг на Тереза Меј.
Таа и нејзините советници можат лесно да се уморат доколку Џонсон бара повеќе медиумско внимание од тоа што на нив би им одговарало. Него секогаш го дели само едно интервју од правење на некаков гаф.
Досега тој беше невообичаено дисциплиниран и се држеше до сценариото на Министерството за надворешни работи, на што тие се восхитуваат, а воедно тоа и за него е олеснување. Меѓутоа дури и тој признава дека ова не може да трае засекогаш.
Можно е да дојде до несогласувања помеѓу Џонсон и неговите колеги кои го подржуваа излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, Давид Дејвис и Лиам Фокс, околу идните Британски односи со ЕУ.
Министерот за надворешни работи кажа дека апсолутно не се сомнева дека рамнотежата помеѓу пристапот до единствениот пазар и слободното движење на работна сила може да се наруши.
Сестран мозок
Господата Фокс и Дејвис, пак, велат дека слободното движење не треба да играа никаква улога во преговорите за Брегзит. И тука секогаш постои ризик дека Џонсон нема да успее да ги исполни очекувањата кои ги предизвика преку ветувањата, на тоа што тој го вика “повеќе Британија” на светската сцена.
Но тоа е нешто за кое ќе се размислува во иднина. Засега, дипломатите имаат надворешен секретар чиј сестран мозок и лингвистички сили се многу почитувани.
Тие забележуваат дека нивните сојузници се многу позагрижени за Брегзит, отколку новинарскиот багаж на Џонсон. И изгледа како сите да се забавуваат.
Борис Џонсон изјави за американските репортери: “Јас премногу уживав во мојата прва недела како дипломат.”
Извор: BBC






