Денис Родман, еден од најдобрите дефанзивни кошаркари во историјата на НБА лигата, поранешна ѕвезда на Чикаго Булс, тврди дека бил повикан на разговор во Федералното истражно биро.
Во февруари годинава Родман ја посети Северна Кореја со цел да ја промовира кошарката и при тоа се сретна со корејскиот лидер Ким Јонг-ун, кој веќе неколку недели интензивно се заканува дека ќе лансира нуклеарни ракети на соседна Јужна Кореја, Јапонија, и нивниот сојузник САД.
„Ме контактираа од ФБИ и бев на разговор. Сакаа да знаат што се случува во Северна Кореја и каква е навистина ситуацијата со лансирањето нуклеарни ракети“, изјави Родман.
Членот на Кошаркарската куќа на славните веќе во август најави свое враќање во Северна Кореја.
„Јас не сум тотален кретен. Знам со што Ким Јонг-ун се заканува. Но верувам дека тоа нема да се случи. САД ќе преземат се што е потребно да се заштитат себе си и своите граѓани“, смета Родман.
Ким Јонг-ун важи за голем фан на кошарката, особено на тимот од Чикаго, посебно од времето кога Мајкл Џордан и Денис Родман беа неприкосновени шампиони.