Тркачот на долги патеки и жртва на една од најголемите неправди во историјата на Олимписките игри Вандерлеи Кордеиро де Лима, имаше чест да го запали олимпискиот оган во Рио де Женеиро.
Лима (47) беше последниот од 12 илјади носители на олимпискиот факел, кој помина 20 000 километри и посети 300 бразилски градови, а на крај тој го запали олимпискиот оган на Маракана.
На стадионот факелот го внесе тенискиот шампион Густаво Куертен и и го предаде на Хортенциа Маркари, најголемата бразилска кошаркарска легенда, која го проследи до поранешниот маратонец Лима. Нему му припадна честа да го запали олимпискиот пламен, откако поради болест тоа го одби легендарниот Пеле.
Де Лима, победник на токискиот и хамбуршкиот маратон, како и двократен освојувач на злато на Панамериканските игри, херој на бразилскиот и светскиот спорт стана по инцидентот поради кој остана без олимписко злато на маратонот на ОИ во 2004 во Атина, па така барем доби делумна сатисфакција за големата неправда која ја доживеа пред 12 години.
Тогаш де Лима, додека на 35 километар водеше во маратонската трка со 30 секунди предност, го нападна Корнелиус Хоран, ирски католички свештеник. Гледач од публиката му помогна на де Лима да се извлече од рацете на Хоран и да се врати на трката, но Бразилецот остана без злато и на крајот заврши како трет и освои бронзен медал.
Бразилскиот олимписки комитет по завршувањето на трката побара на де Лима да му се додели златен медал, бидејќи беше спречен во неговото освојување, но Меѓународниот олимписки комитет го одби барањето.
Утешна награда де Лима доби на затворањето на игрите во Атина, кога му беше доделен медал Пиереа де Куберина за фер плеј поради спортско држење во текот и по инцидентот во кој беше нападнат, бидејќи Лима целната линија ја помина играјќи победнички танц.
Лима, кој е омилен поради својата скромност, по нападот во Атина, стана бразилски национален херој, а во 2004 година е избран за спортист на годината и тоа со преседан, со гласање по пат на интернет, а не со одлука на жири.
Де Лима не е случајно одбран да поентира на големото финале на отворање на Олимписките игри, каде акцент беше ставен на рекордно високите температури, топењето на мразот на половите, подигнувањето на нивото на морето. Бидејќи по завршувањето на спортската кариера, де Лима стана активист за заштита на околината.