Откако вчера не успеаја да се договорат за петиот член , четворицата членови на Ад хок телото за следење на медиумите денеска не успеаа да одржат ни заеднички состанок. На средбата, како што објави Телма се појавилe само двајца членови, Љубомир Костовски и Горан Трпеновски.
Костовски тврди дека тие веќе немаат мандат да го именуваат петиот член, а Трајчевски е должен да го информира Парламентот дека телото не успеало да постигне консензус.
Слаѓана Димишкова во телефонски разговор за телевизијата го тврди спротивното, односно дека Костовски и Трпеновски не го прифатиле предлогот да продолжат со работа и денеска и да констатираат дека им е потребен дополнителен рок за избор на петиот член.
Несогласувањата настанале при селекцијата на кандидатите – Сефер Тахири или Даут Даути. За членовите предложени од власта не бил прифатлив Тахири, бидејќи учествувал во протестите на Шарената револуција, додека членовите на опозицијата го одбиле Даути со образложение дека бил член на Комисијата за лустрација.
Директорот на агенцијата Зоран Трајчевски вели дека тие ќе продолжат со обврските кои дирекно им ги наметнува законот, утре ќе ја усвојат и Методологијата за мониторинг на медиумите а во однос на Ад хок телото ќе реагираат соодветно.




