Годинашната добитничка на „ Златниот венец“ на 55 то издание на Струшките вечери на поезијата, Маргарет Атвуд, врвно име во книжевноста во светски рамки, смета дека во малите држави поезијата е многу поважна отколку во големите издавачки империи.
„Охрабрувачки е што посветувате толку големо внимание на поезијата, која често е потцената во однос на прозата. Во помалите земји поезијата е многу поважна отколку во големите земји каде што има издавачки империи“, изјави Атвуд.
Атвуд нагласи дека е многу важно писателите да си најмат преведувачи и агенти кои ќе ја шират македонската литература низ светот, за и македонското творештво да застане на позавидно место во светската книжевна мапа.
Канадската писателка денеска засади дрво во Паркот на поезијата во Струга. Таа рече дека во кусиот период колку што е во Струга и во Македонија е одушевена од топлиот пречек и од пријатните разговори со луѓето, така што планира да остане и по затворањето на фестивалот за да ја истражи земјата во која престојува.