Три автобуси со околу 150 раселени Срби од Мушутиште кај Сува Река, по четири часа чекање, се вратија назад бидејќи поради протестот на Албанците беа спречени во обидот да ја посетат разрушената црква во тој дел од Косово.
Локалните Албанци, кои го блокираа патот, се судрија со косовската полиција, пренесе РТС. Неколку демонстранти се уапсени, откако со камења гаѓале по полицијата.
На протестот кој поминал во тензична атмосфера, демонстрантите извикуваат „УЧК, УЧК“.
Автобусите со Србите околу 12 часот со придружба на косовската полиција се вратија од Сува река и се упатија кон манастирот во Зочиште, за богослужба по повод христијанскиот празник за Пресвета Богородица.
Со нив се потпретседателот на косовската влада Бранимир Стојановиќ и министерот Далибор Јевтиќ, кој изјави дека е пратена порака на Србите, дека не се добредојдени.
На крајот е проценето дека не се создадени безбедносни услови Србите да дојдат до манастирот, каде требаше да присуствуваат на закажаната литургија.




