Повеќе вечен борец, отколку вешта политичарка. Дилма Русеф преживеала мачење во затвор од страна на воената диктатура пред да биде избрана за првата бразилска претседателка, должност од којa бразилскиот Сенат вчера ја смени поради кршење на законите за јавни трошоци.
Првиот пат кога се соочила со судење, овековечен е со црно-бела фотографија од 1970 година, за време на диктатурата, на која тогаш младата марксистичка герилка им пркоси на погледите на воените судии.
Малкумина тогаш би можеле да помислат дека таа млада бунтовничка во фармерки и спортска маичка еден ден би можела да стане претседателка на најголемата латино американска земја. А, уште помалку дека четири децении подоцна, во демократскиот Бразил, ќе биде по втор пат судена, овој пат во Сенатот, во судски процес за кршење на буџетските закони.
Во согласност со својот животен пат, Русеф на Сенатот му даде последна, но сепак попуста лекција за борбеност, бранејќи се самата од обвинувањата повеќе од 14 часа.
Смирена, но со одлучен глас, таа тврдеше дека има мирна совест и дека нема никаква кривична одговорност и го осуди „парламентарниот државен удар“, кој има за цел неправедно да се постави против власта, и покрај волјата на 54 милиони Бразилци, кои во 2014 повторно ја избраа за свој претседател.
Потсетувајќи се на мрачните години од својот притвор, два пати видно потресена, призна:
„Се плашев од смртта, последица од мачењето на моето тело и душа…но не попуштив. Се спротивставив. Денес се плашам само од смрт на демократијата“.
Дилма Русеф на власт дојде во 2010 година, како член на Работничката партија, која ја основаше нејзиниот ментор, работник и синдикалец Луиз Иначио да Лула, кој имаше два претседателски мандати.
Благодарение на својата голема популарност, Лула успеа да ја наметне во партијата и да ја избере народот, кој едвај ја познаваше таа економистка родена во Бело Хоризонте, во семејство од бугарски доселеник и мајка професорка.
Лула, прво ја постави за министерка за рударство и енергетика, па потоа Русеф стана и шеф на неговиот кабинет.
На почетокот на нејзиниот прв мандат популарноста изнесуваше 77 проценти, а пет години подоцна падна само на 13 отсто.
На средината на нејзиниот прв мандат, бразилската економија почна да покува загрижувачки знаци на забавување. Покажувајќи презир кон парламентот, во кој мораше да се помири со шареноликата коалиција, малку по малку Русеф се доведе во изолација.
Повлечена во претседателската резиденција како во бункер од кој излегуваше само поради протоколарни обврски и секојдневни 50-минутни утрински возења со велосипедот по улиците на Бразилија, речиси никогаш не даваше интервјуа.
Повторно беше избрана за претседател во 2014 година, но многу тесно, по агресивната кампања која остави горчлив вкус во устите на нејзините противници.
Веднаш се соочи со отпор на конзервативните кругови во својата коалиција, по откривањето на големата корупција во Петробрас, што фрли сенка на Работничката партија и нејзините сојузници и големата рецесија, со што значително ослабе нејзината позиција.
Се оддалечи од Работничката партија и од гласачкото тело, изневерувајќи ги своите изборни ветувања дека Бразил нема да тргне по патот на штедењето.
Одма по превземањето на должноста го именуваше бразилскиот банкар Јоаким Леви за министер за финансии и го задолжи да ја спроведе програмата за строги економски мерки.
Се повеќе изолирана, не успеваше да ги протурка своите закони во парламентот и најпосле остана без главниот столб во својата коалиција, ПМДБ (десниот центар) на својот потпретседател Мишел Темер, кој и префрлаше дека го третира како украс.
За нејзините противници, „Дилма ќе влезе во историјата како недоприлива личност, лош владетел, кој не знаел да води дијалог со парламентот и која е одговорна за економската ситуација“, рече Мишел Мохалем, аналитичар и професор по право.
Сега кога падна гилотињата, таа би требало да ја напушти Бразилија и да се врати дома во Порто Алегре на југот на земјата, каде живеат нејзината ќерка и двајцата внуци.
Нејзините приврзаници ќе ја паметат како храбар “борец за бразилскиот народ“, која умира, но не се предава.
Со падот на Русеф, се заврши 13-годишното владеење на левичарската Работничка партија во најголемата латино американска економија.
Сенаторите со 61 глас за и 20 против вчера и изгласаа импичмент на Русеф (68 ), и ја прогласија за виновна поради незаконско трошење на пари од државните банки за да го прикрие буџетскиот дефицит во изборната 2о14 година и за одобрување на три декрети за трошење без одобрение на парламентот.
Сепак, сенаторите не и изгласаа забрана на Русеф осум години по падот, да не може да врши јавни функции и таа може да си ги задржи политичките права. Според бразилските закони, разрешениот претседател не смее да добие никаква работа во државна служба, дури ни да предава на факултет.
Конзервативецот Мишел Темер (75) потпретседател на Бразил, кој на чело на државата е од мај кога Русеф беше суспендирана, ја презема претседателската функција, која ќе ја има до завршување на мандатот, до крајот на 2018 година.