Не чинат работите во здравството. Полошо е од што изгледа. Секој што го снашла мака и побрал помош таму, знае што се случува. Не помага ниту скапата, претплатена медицинска опрема, секојдневните посети во различни болници на министерот Тодоров, рекламата. Всушност во последно време не гледам некое спектакуларно фалење пред камерите. Но и да има никој веќе не го слуша! И вжештените глави колку и да даваат поддршка на неговите проекти и самите се потенцијални пациенти или барем имале или имаат некој болен во семејството и знаат како е по болничките лавиринти.
Видовме и слушнавме се и сешто. Во 21 век родилки и новороденчиња умираат во болниците. Пијани доктори уништија два животи во болницата во Гевгелија. Опасни болнички бактерии го загрозуваат животот на многу пациенти, особено на родилките и бебињата.
На Клиниката за гинекологија молчат на написите во медиумите и на обвинувањата на пациентките дека таму нешто се случува. Млада жена која се породила на клиниката обвинува дека двете новороденчиња, близначиња и починале од болничка инфекција. Жената е во шок и по се што преживеала таму, завршила на психијатрија.
„На таа клиника виреат опасни болнички бактерии кои завиваат стотици семејства во црно“, ми рече кога разговаравме.
Постојано доаѓаат нови приказни за смртни случаи на новороденчиња, а бројката со која се шпекулира во некои медиуми е дека за шест месеци починале 80 новороденчиња на оваа клиника. Зошто надлежните не излезат со официјални бројки? Граѓаните имаат право да знаат. Порано на оваа клиника постоеше оддел за статистика и таму се уредно се заведување. Се се знаеше. Многу пати го посетував човекот кој го водеше одделот и без проблем ги добивав информациите што ми требаа. Одделот за статистика одамна не постои. Очигледно, му сметал на некого.
Но, до нас новинарите секогаш стигнува гласот од страдалниците. Не е тешко да не пронајдат и да си ја кажат маката. Знаете ли колку луѓе дневно ме контактираат? А, кога ќе прашам за одговор кај надлежните, ги трескаат телефоните или се кријат.
Деновиве дознав дека на гинекологија уште едно семејство најавува кривична пријава за смртта на млада жена која починала пред десеттина дена таму. Тврдат дека докторот несовесно ја лекувал. Тоа го тврдат и негови колеги, гинеколози. И сега? Новинарите ли се виновни?
Директорката упорно молчи. Не одговара на моите пораки и повици. Пред извесно време додека беше на годишен одмор ги собра лекарите да ја бранат честа на клиниката. Но, не ја одбранија. Само се испокараа и ги навредија новинарите, наместо да одговорат смирено на прашањата. Се прашувам во чија одбрана застанаа и се наредија пред камерите? Што всушност се обидуваат да бранат? Својата или честа на партиски одбраната директорка? Да ги потсетам, тоа е таа директорка која се појавува само на провладините медиуми. И одговара на однапред договорени прашања, се разбира. Таа е полоша верзија и од нејзиниот претходник, трагикомичниот лик, кој одеше од глупост во глупост, но сепак ќе се појавеше некогаш пред камерите. Да ја цементира глупоста уште еднаш!
Некогаш постоеше и Здравствен совет, кој формално или не, сепак даваше предлози до министерот. Потоа го наполнија само со членови на ВМРО ДПМНЕ. Сега очигледно не функционира. Чуден избор на директори прави министерот Тодоров. Ги избирал тој или партиските комитети на ВМРО ДПМНЕ? Има приказни за тоа дека и на овие комитети веќе им дошло преку глава од некои од нив. Па сега водат меѓусебна војна, бараат начин како да тргнат некои од нив.
Значи ситуацијата е катастрофална. Ништо подобро не и на другите клиники. За болниците во другите градови во внатрешноста и да не зборуваме. Главни се партиските полтрони. Тие палат и гасат секаде.
Граѓаните ја губат довербата во државните болници. Луѓето стравуваат да не се заразат со некоја болничка бактерија при престојот во болниците.
Треба ли да потсетам дека креветите се стари со години, душеците се со флеки од крв, зидовите не се фарбани со децении, кубурат со чаршави, се е искинато. Хирурзите немаат доволно униформи за во операциона сала. Пижами болните сами мора да си донесат инаку ќе останат голи. Столчињата се искршени. Нема каде да седне некој што бдее над својот тешко болен близок, а нема доволно медицински сестри да го прават тоа.
Во кој свет живееме ние? Во реалниот или во виртуелниот кој ни го сервира оваа власт? Замислете лидер на партија зборува за намалување на цените на лековите! Кои лекови? Колку години не е сменета позитивната листа на лекови? Скапите и современи лекови ги нема на таа листа. Луѓето болни од рак и други тешки заболувања сами си ги купуваат. Земаат кредити, продаваат станови, возила. Всушност и тие лекови што им следуваат преку болничката листа редовно ги снемува. Тешко болните умираат оставени така, без редовна терапија која може да им го продолжи животот и да им ги олесни маките. И го напуштаат овој свет бескрајно многу понижени. Затоа е полошо од што изгледа. И далеку од она што ни го сервираат пред телевизиските екрани. Тоа е измислениот свет на оваа власт.