Најмалку тројца загинаа во поплавите на југот на Грција, предизвикани од силниот дожд што паѓаше цела ноќ, соопштија денеска грчките влчасти.
Во соопштението од Противпожарната служба се наведува дека во поплавен подрум во куќа во градот Каламата се пронајдени тела на две жени, на 83 и на 60 годишна возраст, а во истото подрачје загинал и еден 90 годишен старец.
Спасувачите во северниот дел на земјата трагаат по исчезната 60 годишна жена, на која од утрово и се губи трагата, откако телефонски побарала помош од сопругот бидејќи и се поплавил автомобилот и дека се обидува да излезе од него.
Невремето кое вчера попладне ја зафати Грција предизвика големи проблеми во целата земја. Обилните дождови во центарот и источните делови од Волос поплавија улици и прекинаа телефонски линии неколку часа. Снабдувањето со електрична енергија, исто така, беше во прекин во Анаврос, Неа Димитриада, Астериа, Агриа, Лехониа и во села јужно од Пилио.
Во градот Пиргос, противпожарната бригада примила околу 150 повици за поплавени подруми и простории, како и за паднати дрва на патишта. И противпожарната скужба во Солун примила десетици повици за поплавени куќи и објекти во повеќе делови од градот.
Поплавени се голем број куќи и на југот на Пелопонез и во предградието на Солун.




