Кандидатката на демократите на претседателските избори во САД Хилари Клинтон и натаму води според повеќето анкети, но истражувањето на Си Ен Ен и корпорацијата ОРЦ покажува дека нејзиниот ривал Доналд Трамп има мала предност.
– Си Ен Ен излезе со голема анкета која покажува дека Трамп ќе победи. Тоа е добар психолошки момент, изјав Трамп на предизборниот митинг во Вирџинија.
Клинтон и натаму води во повеќето анкети спроведени на национално ниво и во повеќето одлучувачки сојузни држави, но се уште има и такму каде населението е неопределено и тие ќе бидат на нејзината агенда во следните два месеци до изборите.
Според политикологот Стивен Вејн од Универзитетот Џорџтаун, изборната трка станува се потензична и тоа благодарение на слабостите на Клинтон кои почнуваат да излегуваат во јавноста.
– Голем број луѓе сметаат дека таа не е искрена и немаат доверба во неа. Таа делува како традиционален политичар во ера кога гласачите не им се наклонети на политичарите, вели Вејн.
Главниот уредник и статистичар во Галуп Френк Њупорт смета дека Трамп исто така има и висок процент на непопуларност кај народот.
– Тоа е загрижувачки за обата кандидати. Мислам дека штабот на Клинтон многу размислува за тоа како да го промени нејзиниот имиџ, но тоа оди многу тешко, вели Њупорт.
Токму контроверзите што ги предизвика Трамп, според аналитичарот Џереми Мејер од Унивезитетот Џорџ Мејсон и влеваат надеж на Клинтон дека може да си ја врати популарноста што ја стекна по партиските конвенции.
– Можно е Доналд Трамп да победи во трката. За тоа потребно е да се опорави од големиот дефицит на гласови што ги има најмногу од сите досегашни претседателски кандидати во модерната ера на истражување на јавното мислење. Никој не се опоравил толку брзо и драматично како тој, вели Мејер.
Трамп и Клинтон веќе се подготвуваат за следниот голем настан – првата претседателка дебата закажана за 26 септември.
Во меѓувреме, Клинтон го откажа предизборниот собир во Калифорнија закажан за денеска, поради болест.
Таа вчера на одбележувањето на 15 годишнината од терористичките напади побара лекарска помош, поради како што беше соопштено подоцна, дехидрираност и воспаление на белите дробови.
На социјалните мрежи веднаш се појави снимка на која се гледа како на Клинтон и се слошило, при што претставници од нејзиниот тим и помагаат да влезе во комбето.
Трамп со месеци ја доведува во прашање здравствената состојба на Клинтон наведувајќи дека таа ни здравствено ни физички не е подобна да биде претседателка на САД. Во август на своите приврзаници тој им рече дека Клинтон нема ни физичка и ментална издржливост која е потреба за борба против терористите од ИСИС.






