Стотици илјади мигранти влегуваат во Европа преку слабо познати тајни патишта, откако некои транзитни држави воведоа построги контроли на границата, објави Институтот за прекуморски развој (ОДИ).
Според анализата, се очекува оваа година по средоземните рути да пристигнат 330.000 мигранти, а бројот на барателите на азил би можел да достигне до 890.000, наведува ОДИ, кој е водечки британски независен институт за меѓународен развој и хуманитарни прашања.
Агенцијата предупредува дека разликата од 500.000 луѓе покажува дека постои голем број луѓе за чие доаѓање во Европа многу малку се знае.
Институтот укажува дека бегалците и мигрантите патуваат во Европа преку разни тајни канали и средства, некои преку копно скриени во возила, други со лажи документи со авион.
Само една третина од овие мигранти се од Сирија, додека повеќето доаѓаат од земјите со средни приходи.
ОДИ ги повикува европските влади да ја зголемат соработката и да развијат повеќе законски патишта за да можат да гио следат движењето на бегалците и мигрантите.
Институтот оценува дека мерките на одвраќање и граничните контроли се скапи и најчесто неефикасни и дека само ги пренасочуваат на алтернативни тајни патишта.
Минатата година преку море во Европа стигнаа 1,1 милион луѓе, а 1,7 милиони побарале азил.




