Кипарската влада одобри нов данок на недвижните имоти, што е еден од условите на надворешните кредитори за доделување на првата транша од меѓународната финансиска помош за оваа островска земја во износ од 10 милијарди евра.
Инаку, Во согласност со одлуката на Евро-групата од 25 март, европските партнери на Кипар ќе му доделат девет милијарди евра, а ММФ уште една милијарда евра, се наведува во соопштението на Управниот совет на Европскиот стабилизациски механизам.
Претседателот на ЕСМ, Клаус Реглинг, изјави дека доделувањето на помошта е првата комплетна програма за макроекономска стабилизација, што се финансира од Европскиот стабилизациски фонд.
Шпанија е единствената земја со ваквов тип помош од ЕСМ, со 41 милијарда евра за реформа на финансискиот сектор.
Првата транша од помошта за Кипар се очекува во средината на мај, за да ги покријат буџетските потреби на земјата но и среднорочните и долгорочните долгови.
Помошта ќе биде употребена и за рекапитализација на кредитните друштва на земјата, со исклучок на „Банката на Кипар“, која според условите на спогодбата за доделување на помошта, треба да го пополни својот капитал преку оданочување на негарантираните влогови.