На полноќ во Република Српска почнува 24 часовниот молк пред референдумот на кој граѓаните ќе се изјаснат дали се за тоа на 9 јануари и натаму да се слави Денот на републиката.
Законот за референдум и граѓанска иницијатива предвидува дека 24 часа пред одржување на референдумот запира кампањата на средствата за јавно информирање и јавни собири.
На референдумот на 1.900 гласачки места ќе може да гласаат повеќе од 1,2 милиони граѓани, како што утврди Републичката комисија за спроведување на референдумот.
Централната изборна комисија не и го отстапи на Република Српска централниот избирачки список за овој ентитет, па Републичката kомисија за спроведување на референдумот, со помош на Министерството за внатрешни работи и останатите ентитетски институции направија сопствен избирачки список.
Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот, а оние кои во недела нема да бидат во местата каде што живеат, ќе можат да гласаат на било кое друго гласачко место.
Граѓаните на дистриктот Брчко нема да може да гласаат на подрачјето на дистриктот, бидејќи одржувањето на референдумот во Брчко го забрани сувервизорот за тој град и првиот заменик на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Брус Бертон.
Властите на Република Српска одлучија да спроведат референдум за Денот на републиката, иако Уставниот суд на БиХ на 17 септември донесе одлука со која го забрани референдумот.
Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ Валентин Инцко изјави дека се можни санкции за оние кои го организираат рефрендумот, а претседателот на Република Српска Милорад Додиќ
на тоа одговори дека Инцко „и се додворува на сараевската чаршија и дека не го интересираат фрустрациите на високиот претставник“.




