По повод 26-ти април, Светскиот ден на интелектуална сопственост, Македонската музичка индустрија (ММИ) апелира на почитување и заштита на правата на изведувачите и продуцентите како клучен дел од овозможувањето на условите за продолжување и поттикнување на нивната креативност и творештво.
ММИ се приклучува во прославата на овој ден кој се прославува од пред 43 години, кога стапи во сила Конвенцијата со која беше основана Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), односно денот кога државите колективно кажаа „да“ за заштита на овој вид на сопственост.
Овој ден се обележува со цел да се промовира отворена дебата за улогата на интелектуалната сопственост во поттикнувањето на иновациите и креативноста. Интелектуалната сопственост денес е широко признаена како Човеково право и е заштитена во меѓународното право. Таа е дел и од Европската конвенција за човекови права и нејзиниот Протокол број 1, чија потписничка е и Македонија.
За тема на овогодишниот светски ден на интелектуална сопственост, Светската организација за интелектуална сопственост ја промовира темата „Креативност – следната генерација“.
– Она што порано беше научна фантастика денес е реалност. Но што е следно? Прашајте ги новите генерации – повикува оваа организација.
ММИ потсетува на значењето на правата на уметниците, музички изведувачи, но и повикува на потребата од поттикнување на свеста за значењето на нивната интелектуалната сопственост над делата кои ги создале.