Германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Дрезден, на одбележување на Денот на обединувањето на Германија, порача дека проблемите треба да се решаваат заеднички со дијалог.
-За мене лично, како и за поголемиот број луѓе во Германија, ова е ден на радост и на благодарност, рече Меркел, која од демонстрантите беше дочекана со свирежи.
Меркел, која е порасната во Источна Германија, рече дека во земјата постојат нови задачи и проблеми, но дека е важно Германците на нив да одговорат со вземно почитување и прифаќање на различни политички гледишта, како и со изнаоѓање на добри решенија.
Неколку стотина демонстранти ги исвиркаа германските лидери, нарекувајќи ги „предавници“, пред црквата во која се одржуваше централната свеченост по повод 3 Октомври, Денот на германското обединување.
Како што пренесува Дојче Веле, се работи за припадници на ксенофобичната група Пегида.
Освен Меркел на свеченоста присуствуваа и претседателот Јоаким Гаук и претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт.
Свеченоста се одржува под засилено полициско обезбедување, откако минатата недела во овој град беа детонирани две импровизирани експлозивни направи пред локалната џамија и пред конференцискиот центар.
На 3 Октомври 1990 година Германија повторно се обедини, откако во Втората светска војна беше поделена на капиталистички западен и на комунистички источен дел.




