Од 6 до 9 октомври во организација на Амбасадата на Сојузна Република Германија и ПроКредит Банка ќе се одржи 12. издание на Фестивалот на новиот германски филм.
Под мотото „Сакам филм“ ќе бидат прикажани десет актуелни германски продукции во десет македонски града.
Фестивалот вечерва во киното Миленуим ќе го отвори амбасадорката на Сојузна Република Германија Кристине Д. Алтхаузер.
Веднаш потоа во 20 часот ќе следи проекцијата на филмот: „Мед во главата“ од и со Тил Швајгер.
Филмот полн со срдечност и ја тематизира Алцхајмеровата болест. Стар маж, извонредна глума на Дитер Халерфорден, кој внуката (ќерката на Тил Швајгер, Ема) ќе го спаси да не го однесат во старечки дом. Добра забава за целото семејство која поттикнува на размислување. Режисерот Тил Швајгер е истовремено најпопуларниот актер во Германија и успешен продуцент. Не постои друг актер кој во последно време привлекол повеќе гледачи во кино. Неговиот филм „Мед во главата“ со преку 7 милиони гледачи беше најуспешниот филм на годината во 2015.
Во останатите фестивалски денови ќе бидат прикажани уште девет други филмови во кино „Фросина“, МКЦ: комедии, драми, трилер, детски и семејни филмови.
Како и изминатите години, некои од филмовите ќе одат на турнеја уште низ девет други градови, почнувајќи од 10 октомври во Куманово.
Потоа следат Прилеп, Битола, Охрид, Велес, Кавадарци, Тетово, Струмица и Штип.
Сите филмови може да се видат во оригинал на германски јазик со македонски поднаслови (во Тетово со албански).
Изборот покажува пресек на опширната германска кинематографија од последните две години, поддржана од јавни средства. Сите филмови имаат добиено награди и се наменети за публика над 12 години, а детските филмови над 6 години.
Филмовите нудат можност, Германија, на широката публика да ја претстави својата култура, историја и општество. Тие се случуваат во Германија, но пораките се универзални и разбирливи за сите гледачи.
Се тематизираат разнообразни области на човековиот соживот, љубовта и проблемите во врските, семејството и пријателството, училиштето и пубертетот, староста, болеста и смртта.
Тоа може да се види во драмата поврзана со Берлин „Викторија“, снимена во една единствена сцена.
Ќе бидат претставени и политички и историски филмови. Во политичкиот трилер „Лагите на победниците“ станува збор за моќта и беспомошноста на печатот. Дури два филма го обработуваат германското минато по Втората светска војна – не се тоа часови по историја, туку играни филмови што воодушевуваат: – „Државата против Фриц Бауер“ беше награден за најдобар игран филм во 2015 год.
Филмот „Во лавиринтот на молчењето“ ја опишува почетната приказна на процесите во Аушвиц од 1965 година.
Фестивалот на новиот германски филм е најголемото достигнување во годината на културната програма на Германска амбасада во Скопје.
Повеќе информации на: www.fngf.mk