Тајната љубов на Ан и Франсоа траела 33 години. Во текот на сите овие години Франсоа на Ан и испраќал писма, вистинска и долга химна на љубовта. Писмата потврдуваат колку била силна сензуалната и романтична љубов на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран. И неговиот литературен талент.
“Писмата до Ан, 1962-1995” е насловот на книгата која утре ја објавува издавачот “Галимар”. Ан Пинжо, големата љубов на Митеран одлучи да ги објави писмата во книга. Нема сомнение дека Ан не сакала да ги објави писмата додека била жива Даниел, сопругата на Митеран. Синот Жан-Кристоф Митеран изјави: “Среќа што мајка ми не може да ги прочита овие писма”.
Книгата излегува утре а ја издаде познатата куќа “Галимар”
“Ô ти желбо за твојата прегратка, за твоето битие, за огнот, за крикот кој нé остава на бреговите на еден друг свет…”, и пишува Франсоа на неговата “многу драга Ан”, “богатство над богатствата”. Книгата содржи околу 1.200 писма испратени на Ан, мајка на Мазарин, скриената ќерка на претседателот.
Митеран и Ан на почетокот на врската
Првите срамелживи писма датираат од 1962 година кога се сретнале за прв пат. Тој има 46 години, оженет е за Даниел Митеран и е татко на два сина. Во тоа време тој е сенатор и поранешен министер. Таа е млада девојка, 19 години, од добро семејство и има само една страст – убавите уметности.
Во првото писмо Франсоа и ветува на Ан дека ќе и испрати примерок на “Сократ” од Платон. “Оваа мала книга ќе биде пораката која ќе ви го открие вистинскиот спомен што го чувам за вас по тие неколку часа во едно убаво лето”, пишува тој.
“Вие кај мене будите чувства какви што никогаш не сум имал”, пишува тој.
Потоа, во 1964 година, двајцата заедно патуваат во Амстердам и минуваат на “ти”. Писмата стануваат сé поинтимни. Полни со спомени на бакнежи, прегратки, интимни моменти. “Го сакам твоето тело, радоста која тече од мене кога ја притискам твојата уста, поседувањето кое ме гори со сите огнови на овој свет, бурата на мојата крв длабоко во тебе, твоето задоволство кое блика од вулканот на нашите тела, пламен во простор, оган.”
Митеран нема намера да се разведе бидејќи стравува за својата кариера. На нејзината желба да ја живеат нивната љубов слободно, тој одговара дека неговата љубов е “апсолутна, невидена, дефинитивна”. И во 1980 година и признава: “Лошо те сакам тебе, која толку силно ја сакам”.
Франсоа и Даниел во официјална посета на Египет со Хосни Мубарак
Даниел му беше верен сопатник на Митеран, почина во 2011 година
Мазарин се раѓа во 1974 година. Во јануари 1975 година Митеран пишува: “Мазарин моја мила, за прв пат го пишувам ова име. Ме фаќа чуден страв пред оваа нова личност на земјата која си ти…”
Мазарин Митеран
“Тоа е единствениот вистински подарок што го добив од него”, вели Ан многу години подоцна.
Во 1981 година Митеран станува претседател. И писмата стануваат поретки. Но не затоа што им го врти грбот на Ан и Мазарин. Напротив, затоа што почнува да минува се повеќе време со нив двете.
Тајната одамна не е тајна за новинарите и политичарите во Франција. Но, францускиот печат молчи. Во име на почитта на приватноста.
Франција ја открива тајната во 1994 година преку Пари Мач кој објави фотографии на Мазарин.
Последните писма датираат од 1995 година. Митеран ја завршува претседателската кариера, болен е и умира во јануари 1996 година на 76 годишна возраст.
“Мојата среќа е да мислам на тебе и да те сакам”, пишува во последното писмо кое завршува со зборовите: “Ти беше среќата на мојот живот. Како да не те сакам уште повеќе?”
Ан и Мазарин беа на неговиот погреб и стоеја зад ковчегот заедно со сопругата Даниел и двата сина.
На погребот на Митеран Ан и Мазарин стоеја до официјалното семејство
Мазарин и Ан на погребот на Митеран
Ан денес има 73 години и е почесна конзерваторка во Музејот Орсе во Париз. Таа долго работела во Музејот Лувр и била главниот советник на Митеран во неговиот проект “Големиот Лувр”.
Ан Пинжо
Мазарин денес e професорка во филозофија и писателка.