Да, плашете се од ксенофобијата на Цветин Чилиманов, да, треба многу да сте загрижени и да, треба да се преземат остри санкции за неговиот настап на 24 вести.
Во т.н дебата, Чилиманов на поранешниот пратеник и новинар Сафет Бишевац му се обрати точно со овие зборови: Ти си бегалец од негде, што добил државјанство,
Цветин Чилиманов е член на Ад-хок телото за медиуми, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова aд-хок тело има задача да ја мониторира работата на медиумите пред и во изборниот процес. Меѓу другото, ако не и клучната негова задача е да се залага за максимата “Учиме да живееме заедно”.
Оваа значајна мисла човештвото некако ја турка и во практика, едвај, се разбира дека страда да не претера во славење на цивилизациските вредности, без многу верба ги пушта некако да проживеат, но затоа со исклучителна желба опстојува да ја задуши и буквално убие оваа надеж за заедничко живеење, и тоа во исто време кога ја применува. Па да, тоа е светот во кој живееме. Зошто Цветин Чилиманов би бил поразличен?
Зошто тој би имал повисоки цели, не велам и не барам највисоките, но нека биде тоа зрнце мудрост, да посака да добие сила и да стане камче во историјата на оваа земја, нека биде и прав, не пречи.
Ете, прав можеби кој му се изронува на секој иден или сегашен фашист и не може да го дофати, но сепак, Чилиманов тоа свое зрнце, таа прашинка човештина, милост, благост, да не го дава, да не дозволува да му се одземе, ниту една партија, ничии грабливи раце, или разјарена муцка која бара од него да стане касапско куче.
Но, ние сме на прапочетоците на демократијата, оттука негувањето ксенофобија, фашизам, пропаганда е бескрајниот мизерен пат кој мора ли? -фактите, историјата не соочува дека понекогаш мора да се прооди. Жал ми е што по се изгледа дека така се создава едно демократско општество.
Погледнете ги само американските трновити патишта: бескрупулозните сопственици на медиумите водени од партиски мотиви- од 1830. години, па вратете се на Првиот амандман на американскиот Устав- 1791 (“Конгресот нема да донесе закон… за да ги ограничи слободата на говорот или на печатот”), регулирање на лиценците преку Радио актот- 1912, Доктрината за праведност која наложувала балансирано и фер покривање на изборите- 1949, па повторно сетете се на 1880.години и ерата на таблоидното новинарство, како морало се да почне за некако пристојно, после помалку од два века, да заврши. Еден од најпроминентните факултети за новинарство, Колумбија, основан е 1903, се отвора 1920, ве молам, па првиот етички кодекс е донесен 1910, а државните новинарски асоцијации датираат од 1850. Во 1913 е основано Бирото за точност и праведност, најмногу со цел да ги намали тужбите за клевета, но и да ги зацврсти контролните решенија за проверка и баланс, како едно од суштествените карактеристики на американското општество. Размислете, што правеше Македонија во сите овие години на медиумски развој на САД?
Америка е земја која е свесна дека е далеку од исполнување на сите демократски, високи цели и вредности. Темелите се оние кои и оваа земја и секоја позрела демократија ја држат, иако се разнишуваат, но никогаш не се струполуваат.
Можеби за почеток треба да се знае дека мора да се извини и да се засрами- Чилиманов тоа досега не го стори кон Сафет Бишевац, ниту партијата ВМРО која го предложи како член на ова ад-хок тело за медиуми. Можеби вреди едно мое извинување, иако колективната вина е категорија која ја презирам како комунистичка хипотека, товар кој сега можеби и може да се примени. Ако почнеме да се делиме на Македонци и останати, никогаш нема да можеме да научиме да живееме заедно.
Но, инсистирам да се делиме на луѓе и нелуѓе и со вторите да се обидеме- за нив прозаична, тривијална и бесмислена, но нека биде лекција, учење- да почнеме да ги учиме да живееме заедно, затоа што никако поинаку и не може. Се извинувам Сафет Бишевац, за еден срам предизвикан од изјава на некој друг човек. И покрај извинувањето, срамот останува и тоа не знам како ќе помине. Векови треба да поминат, а дури и тогаш, некоја хартија ќе остане за да удри шлаканица на ова време и некои нелуѓе и на неправдата, непостоењето правда, не смееме тоа да го заборавиме.
Како вели Боб Дилан:
Како може животот на таков човек
Да биде во дланка на нечија рака на будала?
Не може поинаку
туку ме прави да се чувствувам засрамен
Да живеам во земја
Каде правдата е игра.